Минатата ноќ беа одиграни неколку натпревари во НБА-лигата, а посебна ноќ имаше Ивица Зубац кој испиша историја во победа на Лос Анџелес Клиперс над Индијана пејсерс со 114-100, додека Далас маверикс повторно загуби, и тоа овој пат од Милвоки бакс(115-124).
Хрватскиот кошаркар блесна на натпреварот за Клиперс и постигна 31 поен и 29 скокови во победата, а ова е трет пат од сезоната 1973/74 некој кошаркар да има 31 поен, 29 скокови и три блокади. Зубац на теренот мина 35,40 минути во кои постигна 31 поен, со шут од игра 14 од 17 обиди, што е еден кош помалку од неговиот личен рекорд, но оствари дури 29 скокови, што е најмногу за Клиперс на еден натпревар во последните повеќе од 34 години. Овие 29 скокови се второто најдобро остварување за франшизата Клиперс во скокови од 1988 година, кога 30 скокови оствари Мајкл Кејџ. Зубац на тоа додаде по три асистенции и три блокади. Покрај тоа, му недостасуваше само уште еден скок да го достигне рекордниот „дабл-дабл“ на Двајт Хауард од 2018 година со 30 поени и 30 скокови. Во тоа го спречи шестиот фаул поради кој го напушти мечот пред време.
Но, и без тоа Зубац одигра натпревар за историја затоа што од 1973 година, откако се бројат блокадите, само Карим Абдул-Џабар имал подобар ефект од Зубац.
Освен тоа Зубац стана и прв кошаркар по Шекил О’Нил од 2004 година кој стигнал до 30 поени, повеќе од 20 скока и притоа со над 80% шут од игра.
„Отсекогаш сакав да имам натпревар со 20 поени и 20 скока, но сега ете имав шанса зао 30+30. Навистина многу го сакав тоа, и лут сум затоа што изглегов од игра поради прекршоци. Но, лудо е тоа што сега сум во иста реченица со Карим“ – истакна по мечот Зубац.
Во победата на Клиперс одлични беа и Ник Пауел со 19 поени, како и Теренс Ман со 14, додека на спротивната страна се истакна Џејлен Смит со 23 поени и девет скокови.
Милвоки имаше водство во текот на целиот натпревар, иако Далас неколку пати се враќаше во игра и во третата четвртина се доближи на само четири поени, но сепак немаа сила за ништо повеќе од тоа (124-115). Во победничкиот тим блесна Јанис Адеоткумпо со 30 поени, 11 скокови и четири асистенции, додека на спротивната страна Лука Дончиќ постигна 27 поени.
Во останатите мечеви, Портланд загуби на гости од Бруклун со 111-97 во меч во кој Дурант беше извонреден во победничкиот тим со 31 поен, пет скока и пет асистенции. На спротивната страна се истакна Гранд со 29 поени, а Нуркиќ запиша „дабл-дабл“ од 17 поени, 14 скока и четири асистенции.