Деновиве актуелна тема е откупот на тутунот и како и секоја година, тутунопроизводителите со нетрпение очекуваат како ќе им биде проценет тутунот и каква цена ќе добијат. Екипата на Агротим разговараше со една тутунопроизводителка, која го сподели своето искуство.
„Цела година го работиш, го мислиш, се нервираш, се прашуваш што ќе биде како ќе биде и на крај судбината ти се одлучува во 15 минути“, раскажува за Агротим производителката на тутун, која сакаше да остане анонимна. Таа вчера продала дел од својот тутун на откупен пункт во Тутунски комбинат, како што вели, за проба.
Задоволна е од направената проценка на нејзиниот тутун и констатира дека ова се случува првпат, да се врати дома задоволна и мирна.
-Знаете тоа како е, да работиш и да не знаеш што и како ќе биде, да не можеш да спиеш, да се мислиш цело време, да се плашиш дали ќе ти исплати или не, и на крај да испадне како што треба, тоа ми се случува за првпат – вели тутунарката.
Како што ни кажа, прва и втора рака од бербата на тутунот ѝ ја процениле втора класа, а од трета рака натаму прва класа.
Тутунарката вели дека во нејзиниот крај каде што живее има 4 откупни пункта од различни компании и проценката оди опуштено и без нервози. Таа и сопругот сами го работат нивниот тутун повеќе од 40 години.
Цените за откуп на тутунот годинава одат по 300 денари за килограм тутун од прва класа, 240 за втора и 180 за килограм тутун од трета класа.
Дополнително државата им исплаќа и субвенции од 80, 70 и 60 денари за килограм продаден тутун во откупен пункт од прва, втора и трета класа.
Откупот на тутунот започна во понеделникот со просечна цена од 261 денар за килограм тутун. Според проценките и од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, купувачите и производителите, годинава е произведен тутун со подобар квалитет.
Извор: агротим.мк