Шпанија и Јапонија заедно ја исфрлија Германија од Светското првенство, а „црвената фурија“ доби џекпот со поразот со 1-2 вечерва за да биде втора и за да избега од пресметка со Хрватска во осмоинафинале, ама и да избега од потенцијален судир со Бразил во четвртфинале во костурот на Мундијалот во Катар.
Џабе Германија вечерва победи во страшно возбудлив меч со Костарика со 4-2, кога Јапонија набрзина во вториот дел со два гола направи ново „чудо“ и пресврт со кој дојде до победата, овојпат порано, за разлика од првиот меч со „панцерите“ кога во последните 15 од мечот дојдоа до првата победа на овој Мундијал.
Костарика успеа да направи пресврт, три минути пред последните 20, беше ситуација за светска сензација зашто испаѓаа во тој момент и Шпанија и Германија, но „панцерите“ на крилата на Каи Хаверц го свртеа брзо мечот, Фулкруг го запечати триумфот, но се остана џабе.
Иако Алваро Мората по 11 минути донесе водство, Доан и Танака во првите осум минути од вториот дел направија пресврт, а потоа „фуријата“ не се претргна да нападне и само во последните две минути од регуларниот дел направија две шанси, кои јапонскиот голман Гонда ги одбрани, прво удар на Марко Асенсио, а потоа и на Дани Олмо, па јасно беше во надополнувањето дека „фуријата“ е задоволна со исходот.
Шпанија со поразот и само четирите освоени бода се втори и сега ќе играат со Мароко во осминафиналето, додека Јапонија со шест бода го освоија првото место и ќе се соочат со Хрватска во осминафиналниот меч. Германија со четири бода, но со многу послаба гол-разлика останаа трети, а Шпанија поради 7-0 против Костарика го обезбедија пласманот. Костарика со три бода остана последна во групата.
Второ Светско првенство по ред, четирикратниот светски првак Германија не успева да ја помине групата на еден Мундијал, откако и во Русија испаднаа, тогаш како актуелен светски првак од 2014 година.