Петровска – Танер: Стабилноста, безбедноста и просперитетот на Западен Балкан се суштински за безбедноста на Европа

Министерката Славјанка Петровска денеска во Кремс се сретна со австриската министерка за одбрана, Клаудија Танер со која разговараше за потребата од интензивен дијалог и соработка во однос на безбедносните предизвици со кои се соочува континентот, како и за потребата од брза и ефикасна европска интеграција на земјите од Западниот Балкан.

 

„Австрија како непосреден сосед на регионот и одличен познавач на балканските прилики е директно засегната од  потребата за ефикасна европска интеграција на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија. Стабилноста, безбедноста и просперитетот на земјите од Западниот Балкан имаат големо влијание врз безбедноста на целиот континент”, рече министерката Петровска на состанокот.

 

Министерката истакна дека самиот факт дека седиштето на ОБСЕ е во Виена, ја покажува силната посветеност на Австрија кон мултикултурализмот. Петровска се заблагодари за австриската поддршка во контекст на претседавањето на Северна Македонија со оваа организација во 2023 година, кое доаѓа во една комплексна безбедносна состојба на континентот.

 

Министерката Танер ја повтори заложбата на Австрија за поддршка на патот на земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија кон полноправно членство во Унијата и истакна дека земјата ќе продолжи да биде активна во достигнувањето на оваа цел, и во рамките на ЕУ, но и во регионот.

 

На средбата стана збор и за билатералната одбранбена соработка, за која беше речено дека е особено интензивна. Министерките Петровска и Танер изразија подготвеност за уште посилна соработка што може да се види и преку веќе усогласениот План за билатерална соработка за 2023 година кој опфаќа повеќе области меѓу кои и безбедносната политика, меѓународните операции и воената обука и едукација.

 

Како начин за зацврстување на соработката беше споменато и партнерството со Националната гарда на Вермонт, кое го реализираат и двете земји и кое отвора можност за дополнителни заеднички активности во одбраната, кризниот менаџмент, образованието и економијата.

 

Воената соработка помеѓу Северна Македонија и Австрија се реализира од 2006 година и истата е особено активна во однос на истражувањата на безбедносната и воена политика, размената на искуства во доменот на логистиката, воената обука и образование и курсевите за операции за одржување на мирот.

Треба да знаете
Последни објави