Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија денеска ќе го промовира проектот на ИПА „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот”.
Како што е најавено, на настанот ќе се обратат Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Енвер Хусејин, заменик министер за труд и социјална политика, Беким Мурати, директор на Агенција за вработување и Наташа Здравковска, проектен координатор.
-Сите активности на проектот се насочени кон намалување на долгорочната невработеност на лицата од ранливите категории и нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Освен активно вклучување, овие лица добиваат и услуги за советување и мотивација (преку СИМ програмата), односно преку психосоцијална и менторска поддршка за да се охрабрат и полесно да се вклучат на пазарот на труд. Основна цел на проектот е подобрување на вештините и знаењата на лицата од ранливите категории со помош на обуки, практична работа и субвенционирано вработување, со цел да се олесни инклузијата на овие лица на пазарот на трудот, велат од Агенцијата за вработување.
Преку овој проект АВРСМ, исто така ќе ја имплементира и пилот мерката – „Втора шанса”, која им овозможува на лицата со недовршено средно образование да посетуваат настава и да се стекнат со формална диплома за завршено средно училиште.
Проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на труд” е поддржан од Европската Унија и се спроведува од Агенцијата за вработување во координација со Министерството за труд и социјална политика. Проектот се имплементира од септември 2019 година до март 2024 година.