Во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”-Скопје утре (2 декември) ќе се одржи средба помеѓу одборот за преговори, предводен од претседателот на Парламентот Талат Џафери, и претставници на Сојузот на синдикати на УКИМ, предводени од неговиот претседател, проф. д-р Ангел Ристов.
Средбата ќе се одржи врз основа на барањето на Синдикатот на Скопскиот универзитет за мирно решавање колективен спор со посредство на помирувачот, адвокатката Мимоза Салтирова, согласно Законот за мирно решавање на работните спорови.
-Со оглед на прифаќањето на предлогот за мирно решавање на спорот од страна на Собранието, како основач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, очекуваме да постигнеме договор со кој ќе се остварат нашите повеќегодишни барања за потпишување колективен договор на ниво на работодавец – УКИМ, унапредување на правата од работен однос и покачување на платите на вработените, се наведува во дописот од Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикати на Скопскиот универзитет.