Шпанските безбедносни сили пронајдоа трета експлозивна направа скриена во пошта во воздухопловната база во Торехон де Ардоз, во близина на Мадрид, пишува денеска весникот „Ел Мундо”.
Писма-бомби беа испратени вчера до Украинската амбасада во Мадрид и до шпанската компанија за производство на оружје во Сарагоса што произведува ракетни фрлачи и ги донира на Киев, соопшти полицијата, која ја истражува евентуалната поврзаност на двете писма-бомби.
Во првиот инцидент, вработен во Украинската амбасада во Мадрид беше повреден кога отворил писмо-бомба упатено до амбасадорот, поради што Киев нареди зголемени безбедносни мерки во сите свои амбасади во странство.
Неколку часа подоцна, компанија за производство на оружје во Сарагоса во североисточна Шпанија добила сличен пакет, потврди полицијата.
По првиот инцидент, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба им нареди на сите украински амбасади во странство „итно” да ја зголемат безбедноста и ја повика Шпанија да започне истрага за нападот, изјави портпаролот на Министерството.