Цените на основните прехранбени продукти од денеска треба да почнат да се намалуваат откако Владата им излезе во престрет производителите со субвенционирање на електричната енергија, односно промена на начинот на наплата и плаќање на поевтина струја.
Од денеска до 30 април идната година кога истекува кризната состојба во енергетиката, повеќе компании од прехранбената индустрија, јавни водоводни комунални претпријатија и основни и средни училишта ќе се снабдуваат со електрична енергија по повластена цена преку „ЕСМ продажба“.
Минстерот за економија Крешник Бектеши вчера, во гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 појасни дека производителите на прехранбени производи ќе треба да им понудат на маркетите нови намалени цени, но дека треба да се има предвид и фактот дека маркетите имаат залихи од претходно. Тој очекува од денеска да почне намалувањето на цените согласно одлуките за субвенционирана електрична енерија.
– Одредени маркети имаат залихи од претходно. Од утре треба да почне намалувањето на цените. Производителите на прехранбени производи од утре ќе почнат да им нудат на маркетите нови цени кои се намалени согласно одлуките за субвенционирана електрична енергија, рече Бектеши.
Спроведувањето на најавените намалувања ќе го контролира и Пазарниот инспекторат, па министерот ги повика граѓаните доколку забележат злоупотреби кај трговците, да пријават.
Согласно одлуката на Владата, компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.
За субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од денеска, 1 декември, рокот за пријавуавање беше до 23 ноември. Сите што се пријавиле од денеска можат да ја користат мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија и за возврат ќе треба да ги намалат цените на производите.
Согласно сите анализи кои се направени од страна на Министерството за економија и другите институции, како што истакна Бектеши намалувањето за 10 отсто е реално.
Што се однесува до месото и месните производи, групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора, денеска соопшти дека цените на нивните продукти се намалени за пет проценти, пред се на домашното свежо свинско месо, но, сепак, секоја компанија поединечно си одлучува по колку ќе ги продава своите производи. За да се намали, пак, цената на месните проозводи веднаш, за над 10 – 15 проценти, потребно е ослободување од царините за увоз на смрзнато свинско месо за преработка што беше во сила четири години и заврши во јуни 2022.
Извор: brif.mk