Вредностите на СДСМ се европски вредности, а тоа доаѓа до израз сега, нашата современа социјалдемократска политика ја поттикнува толеранцијата и меѓусебното почитување, ги обединува граѓаните и се спротивставува на национализмите и популизмот, порача генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на работен состанок со членови и симпатизери на партијата во Шуто Оризари.
-Најголема опасност за било која нација е да остане на страна од глобалните текови, заробена и осамена. Популистите, распалувачите на национализмот и поделбите меѓу граѓаните водат кон внатрешна сегрегација и изолација. Македонското општество долго време беше обременето со злоупотреби на различни национални чувства во функција на политиката и тоа време е веќе зад нас. Не смееме да дозволиме враќање назад или блокада на европскиот пат. Иднината на македонската држава и сите наши граѓани е европска. Затоа е потребно широко општествено и национално обединување околу европските вредности, сите заедно да ги изодиме последните чекори до полноправно членство во ЕУ и целосно интегрирање во големото семејство на европски државотворни народи. Придобивките се економски, културолошки и вредносни и пред се за младите генерации, рече Зечевиќ вечерва во Шуто Оризари.