Од денеска, први Декември со одлука на владата компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.
За субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор.
Во општина Прилеп оваа одлука беше одлично прифатени бидејќи, како што вели Ахил Јаков, директор на основното училиште Климент Охридски сметките за струја ќе се намалат за 30 до 50 отсто.
,,Операторот ќе си става свои уреди за точно потрошената енергија на училиштата која што користи субвенционирана струја.Тоа значи дека сметките за струја ќе бидат за 30, 40 па дури и за 50 отсто пониски”
Со пофални зборови е и директорот на јавното претпријатие ,,Водовод и канализација Прилеп, Илија Гулабоски кој беше назначен на оваа функција одма по минатогодишните локални избори од страна на градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
,,Добивме позитивен став од страна на владата и во секој момент да го потпишеме договорот. Очекуваме разумни месечни сметки и од досегашните седум милиони денари да се симнат на два милиони денари. Ние како претпријатие ќе ги вратиме старите цени за потрошена вода и очекуваме за три до шест месеци да се вратиме во нормала”
Од денес има намалување на цените на основните прехранбени производи за од пет до 13 отсто. Намалување има на лебот, за кој дел од пекарниците велат дека ќе може да се купува и за 32 денари. Во наредниот период ќе има корекција и на цените на другите пекарски производи, веројатно за околу 10 отсто.
Намалување за над 10 отсто е можно и кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини, како што бараат компаниите од овој сектор. Но, намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини дури од јануари.
„Млечната индустрија е специфична поради подолгите неколкумесечни процеси на производство. Ферментирањето за дел од производите како кашкавал или сирење, трае два до три месеци. Тоа што сега ќе се произведе во млечната индустрија, ќе се продава од јануари натаму или производите со евтина струја ќе се продаваат после Нова година. Малку поразлично е во пекарската индустрија каде многу побрзо може да се чувствуваат позитивни ефекти и намалување на цените“, велат од Стопанска комора.
Министерот за економија Крешник Бектеши синоќа во гостувањето во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 кажа дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ја има целата листа на компании од прехранбената индустрија кои од денеска ЕСМ ќе ги снабдува со струја по поевтина цена и дека, согласно тоа, инспекторатот ќе врши засилени контроли во маркетите каде што наскоро основните прехранбени продукти треба да се продаваат по намалени цени.
„Ние ги проверуваме цените при увоз спрема царинската управа. Според тие цени при увоз и дополнителни цени при транстпорт и слично, Пазарниот инспекторат знае колкава би требало да биде финалната цена која е изложена на рафтовите во маркетите. Затоа очекувам засилени контроли. ДПИ ја има целата листа на компании кои ќе бидат субвенционирани во делот на електричната енергија и дополнително на тоа големите маркети треба да ги менуваат цените на производите“,истакна Бектеши.
Исто така и премиерот Димитар Ковачевски во синоќешната посета на Куманово рече дека оваа Влада се грижи за најзагрозените граѓани, пензионерите со мали пензии, самохраните родители, социјалните случаи, другите ранливи категории граѓани, а од друга страна да се заштити и достоинството на работниците
,, Ја субвенционираме струјата за сите 600.000 домаќинства со дури 80% од реалната цена, со што граѓаните добиваат пет пати пониски сметки секој месец. Истото важи и за 72.000 компании. Им помогнавме и на компаниите кои произведуваат прехранбени производи со последните антикризни мерки, да користат поевтина струја. Цената на лебот веќе се намали, цените на маслото за јадење на некои производители исто така се намалија како резултат на оие мерки. Во наредиот период очекувам стабилизирање и намалување на цените на основните прехранбени производи до 10%. Антикризните мерки даваат резултат, но имаме уште работа”, заклучи Ковачевски.