Фудбалската селекција на Мароко ја забележа една од најголемите победи во својата историја и по пауза од 1986 година повторно ќе игра во елиминациона фаза на едно Светско првенство. Во последното коло од групата Ф падна репрезентацијата ба Канада со 2-1, за мароканска песна и осминафинале по пауза од 36 години.
Со вечерашните три бода, но и со ремито без голови на Хрватска и Белгија, Мароко сензационално како лидер патува во осминафиналето, додека покрај Канада својот настап во Катар го заврши и Белгија.
Африканската селекција уште во четвртата минута го зададе посакуваниот удар и го отвори резултатот, откако еден од најискусните репрезентативци на Канада, Милан Борјан направи катастрофална грешка надвор од својот казнен простор и му подари чиста ситуација на Зијеч. Асот на Челзи ја искористи „асистенцијата“ на противничкиот голман и со рутински лоб ја погоди целта, за мароканско славје на трибините.
Не поминаа ни дваесет минути за нова капитулација на чуварот на мрежата на Црвена Звезда. Овој пат Борјан немаше шанси по ударот на Јусеф Ен-Несири, кој од полудесно биеше силовито и многу прецизно. Мароканска песна ечеше на трибините, а носени од таа атмосфера момците на Валид Реграги тргнаа во офанзива по трет погодок. Но, наместо тоа следуваше закана на спротивната страта и несреќен автогол на Најеф Агерд, за 1-2, резултат со кој се замина на пауза.
Во вториот дел Канада ја презеде иницијативата на теренот и силно притискаше за израмнување, но мароканската одбрана беше добро стационирана, подвижна и навремено ги решаваше сите закани. Во 72. минута за момент мароканските срца застанаа, откако по еден корнер искусниот Хачисон ја погоди пречката, а на одбиената топка налета Џонстон и од непосредна близина со глава биеше над голот и ја пропушти најголемата шанса за историски бод на Канада на Мундијалите.
Централен настан беше дуелот меѓу Хрватска и Белгија, кој заврши без голови, 0:0, што беше доволно за Хрватите да го заземат второто место во оваа група, зад Мароко, кој во исто време ја совлада Канада со 2:1.
Хрватите уште од првиот момент вршеа притисок на противничката половина, Белгијците во првите неколку минути беа притиснати во својот шеснаесетник, но избраниците на Далиќ го промашија последниот удар.
Белгија потоа се обиде да контра од полуконтра, но повторно без вистинска шанса за гол.
А потоа, 15. минута од натпреварот и пенал за Хрватска! Караско тргна невнимателно кај Крамариќ во шеснаесетникот по центаршутот на Модриќ од слободен удар и за судијата најпрво немаше дилема – покажа на белата точка. Сепак, имаше реакција од ВАР собата, судијата Тејлор беше повикан да ја погледне снимката, по што одлуката беше сменета поради милиметарскиот офсајд што му претходеше на фаулот.
Потоа следеше потивок период на игра до крајот на првото полувреме.
Овој резултат најмногу и одговараше на Хрватска, иако ќе паднеше на второто место, со оглед на водството на Мароко од самиот почеток на мечот со Канада.
На Белгијците им требаше победа за пласман во осминафиналето, па тренерот Мартинез од почетокот на вториот дел на теренот ги испрати Лукаку и Торган Азар наместо Мертенс и Тросард.
Но, првата шанса Хрватска ја имаше во вториот дел преку Ковачиќ, чиј удар под гредата Курто успеа да го запре. После тоа, Белгијците конечно станаа малку поконкретни, па во можности се најдоа најпрвин Караско во 61. минута, потоа Лукаку на кого топката се одби, но ударот на белгискиот напаѓач беше сопрен покрај стативата.
Една минута подоцна, Лукаку промаши празен гол со глава во нова прилика, но видеото што следуваше покажа дека топката претходно излегла надвор од теренот.
Хрватска се закани во 68. минута кога Петковиќ од левата страна го пронајде Модриќ, но најдобриот хрватски фудбалер слабо шутира и Куртоа без поголеми проблеми го прекинува обидот.
Потоа, мирен период на игра до 87. минута, кога Мениј од десната страна упати „остра“ топка до работ на шеснаесетникот, каде што таа се одврати од Лукаку и отиде покрај голот.
Уште подобра прилика пропушти Лукаку во 90. минута по одличното нафрлање од десната страна на Торган Азар, Лукаку ја прими топката на гради во шеснаесетникот, но не можеше да ја внесе во мрежата!