Директорот на ЦУК учествуваше на Пленарна сесија на Комитетот за отпорност на НАТО

Во седиштето на НАТО во Брисел се одржа Пленарна сесија на Комитетот за отпорност, на ниво на политички директори, на која учествуваше и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Како што информира ЦУК, во текот на вчерашниот дена учесниците на средбата дискутирале како насоките од состанокот на високите национални претставници за отпорност да се преточат во конкретни активности и одобрија работни области со временска рамка, кои ќе бидат патоказ за градење отпорност до Самитот на НАТО во Вилнус.

– Претседавачите на групите за планирање при Комитетот за отпорност, кои играат важна улога во споделувањето на свесноста за националната подготвеност и неопходните активности, информираа за претстојната работа во делот на цивилната подготвеност преку седумте основни побарувања, се наведува во соопштението.

На сесијата одржана денеска, пак, главна тема била примената на Стратешкиот концепт кој нагласува дека обезбедувањето национална и колективна отпорност е клучно за сите основни задачи на НАТО и ги поткрепува напорите на сојузниците да ги заштитат нашите нации, општества и заеднички вредности.

– На втората сесија на сојузниците им се придружија земјите партнери на кои им се преставија најновите стратегии и се разговараше за влијанието на војната во Украина врз националната и колективната отпорност. Во таа насока, беше нагласено дека отпорноста на критичната инфраструктура е од суштинско значење за континуитетот на основните услуги за населението и за националната одбрана, поосчуваат од ЦУК.

Во соопштението се додава дека на маргините на состанокот, Ангелов остварил повеќе билатерални средби.

Треба да знаете
Последни објави