Се поизвесно е дека од понеделник Скопје ќе биде под целосна блокада. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во изјава за Канал 5 вели дека по одлуката на приватните превозници да се прекине јавниот превоз, договорот со нив се смета за раскинат и таа одлука е конечна.
Според Арсовска, приватните превозници со одлуката за прекинот на јавниот превоз, одлучиле и да им ја укинат автобуската услуга на граѓаните.
-Можности за враќање назад не постојат. Има нов јавен повик, на новиот јавен повик сите оние кои ќе сакаат чесно да работат и оваа јавна услуга да ја овозможуваат до граѓаните ќе имаат можност да си се пријават и да можат да си ја обавуваат дејноста којашто ја обавувале претходно, меѓутоа без да има можности за вакви манипулации како што имаше претходниот период, изјави Арсовска.
На приватните превозници треба да им се исплати до периодот до кога нивните автобуси беа вклучени во сообраќајот.
-Тие практично за услугата којашто треба да ја извршат во наредниот месец, фактурираат за еден месец однапред. Што би значело дека таа услуга во моемтнот кога е побарана се уште не била извршена како таква. Сега со нивниот прекин практично во тековниот месец ноември ќе треба да се види што е она што го извозеле за да може за истото да се пресмета што и колку има потреба како тековно побарување да им се исплати и по основа на истото, номално никој не сака од тие лица да бидат оштетени, меѓутоа исто така како Град Скопје, сме должни да не дозволиме никакви манипулации, ниту пак злоупотреби коишто директно влијаат на буџетот на Градот Скопје“, вели Арсовска.
Приватните превозници пак бараат проблемите со Град Скопје да ги решат на средба со градоначалничката Арсовска. Тие го застапуваат ставот дека ќе ги искористат сите механизми за да ги добијат парите од 1,5 милион евра кои им ги должи градската администрација.
Додека за раскинатиот договор од страна на Град Скопје, најавија тужба. Приватните превозници вчера делумно го блокираа булеварот „Илинденска“. А, ако нема решение, најавија радикализација со блокади од идната недела на три клучни крстосници во главниот град. Тоа се крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“, кај Црвениот крст и пред Владата.