Климатските промени се комплексен проблем, за чие решавање е потребно спроведување на активности на повеќе нивоа на човековиот, општествениот и економскиот живот.
Владата на Република Северна Македонија изготви закон за задолжително осигурување во земјоделството, со цел воспоставување на систем на осигурување, кој ќе обезбеди ефикасен, брз и економичен пристап на заштита на лицата кои се занимаваат со земјоделство од ризиците предизвикани од временски непогоди и други настани, ефикасна исплата на штетите и заштита на Буџетот на Република Северна Македонија преку правична и навремена исплата на надоместоци по премија. Всушност, согласно законот се основа Земјоделски осигурителен пул за задолжително осигурување во земјоделството заради вршење на дејноста на задолжително осигурување во земјоделството.
Преставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство неодамна одржаа средба со земјоделци од Општина Лозово на која ги запознаа со новиот закон за земјоделското осигурување.
На средбата беше потенцирана важноста од осигурувањето, меѓудругото и како еден од условите за добивање на земјоделските субвенции.
-Земјоделските стопанства регистрирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) согласно со Законот за земјоделство и рурален развој пред поднесување на барање за финансиска поддршка согласно годишната програма за финансиска поддршка во земјоделството за тековната година се должни посевите и плодовите од насадите, грлата добиток и пчелните семејства за кои бараат финансиска поддршка да ги осигураат во Пулот од штети предизвикани од временски непогоди и други настани – истакна Александар Мусалевски од МЗШВ.
Ризици на осигурување во земјоделскиот сектор се град, молња, поплава, суша, пролетен мраз, бура, пожар, болест и несреќен случај.
Осигуреникот со склучување на договорот за осигурување со друштвото на сметка на Пулот плаќа од 20% до 80% од премијата за осигурување со што во случај на исполнување на условите за исплата на штета се стекнуваат со право на соодветна осигурителната сума и тоа:
- со платени 20% од Премијата се стекнуваат до 40% од осигурителната сума,
- со платени 30% од Премијата се стекнуваат до 50% од осигурителната сума и
- со платени 80% од Премијата се стекнуваат до 100% од осигурителната сума.
Земјоделските производители присутни на средбата позитивно се изјаснија во врска со новиот закон но побараа поголема информираност и вакви директни средби со претставници од министерството со цел подобро запознавање со предностите кои ги нуди законот.