Во општина Карпош вечерва се одржа трибина од караванот „Силно и одлучно кон иднината” на кој се обратија заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска и претседателот на Градската организација на СДСМ Васко Кичевски.Пред присутните, Лукаревска посочи дека Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ преземаат навремени и конкретни чекори кои го унапредуваат стандардот на граѓаните но и ја обезбедуваат иднината на државата.
– 2022 беше година на соочување со предизвиците од глобалната криза но и на испорачан резултат со антикризни мерки, помош на граѓаните и компаниите. Реализиравме два пакета на антикризни мерки вредни 760 милиони евра со кои им помогнавме на стотици илјади граѓани, но и на илјадници компании. Само со мерката за субвенционирање на струјата до 80% се опфатени сите домаќинства и 72.000 компании. Тие антикризни мерки ја спасија македонската економија. Грижата за граѓаните продолжува и понатаму, со Буџетот за 2023 година во кој се предвидени над 100 милиони евра за нов раст на на пензиите, а ќе расте и минималната плата, рече Лукаревска.
Заменик претседателката додаде дека во Буџетот за наредната година се проектирани 52,3 отсто повеќе капитални расходи во однос на 2022.
-Следната година со овие економски политики преку планираниот Буџет ќе обезбедиме сигурност, стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст. Успешно ќе ја менаџираме кризата и последиците од неа, но и ќе овозможиме закрепнување и раст на животниот стандард, едно закрепнување и нов пат на развој, рече Лукаревска.
По 17 години чекање, ја реализираме и втората страшека цел – започнавме преговори со ЕУ и како држава ќе сториме се, тој процес да го минеме што побрзо, за веќе во 2030 година да станеме полноправна членка на Унијата, порача заменик претседателката Лукаревска.
Претседателот на ГО СДСМ Кичевски истакна дека една година откако ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта во Град Скопје, евидентна е неспобноста на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, што придонесе за уназадување на главниот град.
– ВМРО-ДПМНЕ го заглави Скопје, како што 11 години ја заглави државата. Наместо да се развива, Скопје уназадува, не само што нема нови проекти, не само што не се реализираат и наследените проекти, во Скопје не функционираат ниту основните комунални услуги. Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од менаџирањето на парното греење, а деновива гледаме целосен колапс на јавниот автобуски превоз. Причината за целиот хоас во Скопје е единствено неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, порача Кичевски.
На трибината „Силно и одлучно кон иднината” во Карпош присуствуваше и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски со својата сопруга. Претседателот Ковачевски ја следеше трибината и говорите на своите другари и другарки меѓу членовите и симпатизерите на партијата од својата матична општинска организација.