По само 5 часа од пријавувањето, полицијата го пронајде болничкото возило кое ноќеска беше украдено од кругот на болницата во Кочани, објави локалниот портал Актуелности.мк.
Кражбата е пријавена од вработен во болницата, околу 03:30 ч.по полноќ, по што полицијата тргнала во потера врз основа на добиени информации. Утрово возилото е пронајдено на ул „Кирил и Методиј“ во Кочани, оставено, а од крадците ни трага.
Се работи за возило кое Општа болница го доби како донација. Во последно време во регионот има зачестени кражби на трактори, автомобили и комбиња.
Актуелности.мк дознава дека крадците имале бурна ноќ по улиците во градот, го стартувале и нагло кочеле, оставајќи долги траги на асфалтот, возеле во спротивен правец по еднонасочни улици. Меѓутоа, кога крадците виделе дека полицијата им е на трага, дошле со возилото до улицата Кирил и Методиј, над болницата, тука го оставиле и побегнале во непознат правец.
Истрагата е во тек.