Луис Суарез ја обвини ФИФА дека „секогаш е против Уругвај“. Настапот на напаѓачот со репрезентацијата на Уругвај на Светското првенство во Катар заврши со солзи и покрај успехот на Јужноамериканците од 2-0 против Гана во последниот натпревар од групната фаза во петокот.
„Урусите“ имаа шанса да се пласираат во осминафиналето доколку постигнеа трет гол против Гана. На самиот крај на натпреварот од групата „Х“, Уругвај имаше сериозни претензии за досуден пенал по контактот на Дарвин Нуњез и Даниел Амарти во шеснаесетникот на африканскиот тим.
„Пеналот против Дарвин беше многу чист. Имаше контакт и со Еди“, изјави ветеранот Суарез, цитиран од „Ројтерс“.
Во последните секунди од натпреварот, Уругвајците бараа и прекршок против Единсон Кавани во шеснаесетникот на Гана.
„По мечот сакав да го прегрнам семејството, но луѓето од ФИФА не ми дозволија. Се чини дека Уругвај нема добра позиција во ФИФА. Очигледно, тие секогаш се против нас. Среќен сум што играв на моето четврто Светско првенство. Мојот син ме немаше видено да играм на толку големо првенство. Иако победивме, сликата е тажна“, изјави Луис Суарез.
Уругвај беше елиминиран од Светското првенство во 2022 година по поразот на Португалија од Јужна Кореја со 1:2. Азијците продолжуваат во осминафиналето каде за противник ќе го имаат Бразил.