Градоначалничката Данела Арсовска смета дека треба да има избори за Совет на Град Скопје, но нејзина оставка не е опција. Таа неодамна во дебатна емисија изјави дека потребни се локални избори на ниво на Скопје, доколку не се изгласа градскиот буџет до март.
„Доколку советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓани, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат престанува и ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници кои ќе работат во интерес на граѓаните. Меѓутоа, мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета по нив“, рече Арсовска во емисијата.
Но што мислат советниците за ова тврдење на Арсовска, посебно советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која се уште го има мнозинството во Советот на Град Скопје?
Малиша Станковиќ, членот на Советот на Град Скопје од коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во разговор за „Локално“ вели дека проблемот е кај градоначалничката.
– Проблемот кој што е настанат во градот е благодарение на градоначалничката и проблемот е кај неа. Јас очекувам оставка од неа, а не распуштање на Советот, порачува советникот.
Околу евентуални нови избори за советници, Станковиќ прво би ја почекал оставката на Арсовска.
-Јас прво би почекал да дојде оставката на Арсовска, која што е неопходна, а после тоа би донеле одлука за евентуално наше распуштање од Советот. Немаме ништо против самораспуштање, меѓутоа сметаме дека проблемот не е во Советот, туку во неа за решавање на проблемите, истакнува соговорникот.
Станковиќ го коментираше и хаосот со јавниот превоз во градот и проблемите со приватните превозници. Според него, директниот виновник за ситуацијата е повторно раководството на Градот.
-Од она кое што можевме да го видиме во јавноста и според она што го добивме како информација како советници, дефинитивно проблемот е настанат заради односот кој што го имаше градоначалничката спрема и ЈСП, но и приватните превозници. Така да имајќи предвид дека оној кој што го има направено проблемот единствено е надлежен да го надлежи истиот, не можам да очекувам дека ќе се постигне решение до понеделник. Човекот кој што го направил проблемот е чудно да се очекува дека сега ќе го реши. Приватниците бараат некаков обид да не трпат граѓаните заради оваа состојба во која градоначалничката го стави градот, посочува Станковиќ.
Советникот од коалицијата „За обнова на Македонија“ и претседател на МААК, Страшо Ангеловски смета дека е прерано да се зборува за вонредни избори за членови на Советот на град Скопје, бидејќи Предлог-буџетот за 2023 година се уште не стигнал до советниците.
Советникот смета дека повторените избори не би донеле голема промена во односот на силите, а скапо би го чинеле градот, па најдобро е, според него, да се потиснат суетите, да се обнови меѓусебната комуникација, да се координираат активностите и заеднички да се работи во интерес на градот и граѓаните.
-Последната вонредна седница на Советот, кога во една разумна атмосфера се донесоа многу битни одлуки, со компромиси ретки до сега, покажува дека тоа е можно, порачува Ангеловски.
Советникот предлага во духот на компромис и потиснување на суетите, да се реши и проблемот со јавниот превоз, бидејќи Скопјани не заслужуваат да бидат жртви на лични нетрпеливости, суети и реваншизми, зашто Скопје е нивна сопственост, на граѓаните.
-Не е сопственост ниту на кој и да е градоначалник, кој и да е советник, кој и да е директор. Уште помалку е сопственост на нивните лични интереси или фрустрации, оценува Ангеловски.
Ирена Витина, советничка во Град Скопје која делуваше како дел од координативната група на ВМРО-ДПМНЕ, но од неодамна дејствува како самостојна, смета дека не се работи за барање од страна на градоначалничката, туку за Законска регулатива и од волјата на мнозинството во Советот на град Скопје. Таа во разговор за „Локално“ вели дека Законот изричито пропишува во кои услови се распишуваат предвремени избори за избор на советници во Советот на град Скопје.
-Јас како Советник во градот Скопје кој дал и дава поддршка на програмата на Градоначалничката Данела Арсовска „За модерно Скопје“, а со оглед на фактот што буџетот на Град Скопје се изготвува врз основа на оваа програма и секако со наше активно вклучување, давање наши сугестии и барања кои ги добиваме од граѓаните со коишто комуницираме при изготвување на буџетот на Град Скопје за 2023 година секако дека ќе дадам поддршка во донесување на истиот. Но, за да се донесе буџетот на Град Скопје за 2023 година зависи од волјата на мнозинството.
Ако мнозинството го поддржи донесувањето на буџетот без притоа да подметнува и да блокира како што беше случај со последниот ребаланс на буџетот за 2022 година, во тој случај не би се поставувало прашањето за предвремени избори за избор на Советници во Градот Скопје и бил исполнет членот 28 од Законот за финансирање кој гласи: (1) Советот на општината го донесува буџетот за наредната година најдоцна до 31 декември во тековната година.
(2) Доколку советот на општината не го донесе буџетот на општината до 31 декември во тековната година, тогаш должен е да донесе одлука за времено финансирање и финансиски план за нејзино спроведување за период од 1 јануари до 31 март за тековната година (во овој случај за 2023 година), ни објасни Витина.
На прашањето дали би прифатила самораспуштање на Советот доколку Арсовска поднесе оставка, советничката вели дека градоначалничката јасно и децидно го искажа својот став во однос на нејзината оставка со што не се исполнети условите за предвремени избори за градоначалник.
– Во однос на распуштањето на Советот и изборот на нови советници, согласно членот 75 од Законот за локална самоуправа (1) Советот се распушта, ако:
1. Повторно го донесе прописот што претходно бил поништен или укинат со одлука на Уставниот суд на Република Македонија; 2. Донесе одлука со која се загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија; 3. Не се состане за период подолг од шест месеци и 4. Не го донесе буџетот и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година;
(2) За настапувањето на еден од условите од ставот (1) на овој член, градоначалникот е должен веднаш да го извести министерството надлежно за вршење на работите од областа на локалната самоуправа.
Доколку мнозинството не го донесе буџетот и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година, тогаш е јасно дека по сила на Закон ќе се оди на предвремени избори за советници во Советот на град Скопје, информира Витина.
Блокадите во функционирањето на градот и јавните претпријатија се случуваат откако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не ѝ дава поддршка на градоначалничката, истакнува Попова за проблемот со јавниот градски превоз. Советничката смета дека и позади оваа блокада во овој случај на приватните превозници постои политичка позадина.
-За потсетување обидот за блокирање на јавниот превоз во Скопје првично започна со штрајкот во ЈСП за кој штрајк сме сведоци дека исто така имаше политичка заднина. Откако овој план за блокада не успеа на ред дојде планот Б и самите сме сведоци што се случува. Што би се случило доколку сите приватни или државни фирми кои имаат ненаплатен долг од други фирми или институции излезат на улица и блокираат во секој град во Република Македонија. За жал од мешањето на политиката со блокади, подметнувања, хушкања и деструктивност најголема штета трпат граѓаните во градот Скопје, порачува Витина.
Извор: Локално