Инфлуенсерката и мејк-ап артистка Маја Јанеска, познатата како Маја Миа била пронајдена застрелана во глава во спалната соба од куќата во која живеела со својот партнер Кајл Филипс- тајкун во бизнисот со цигари, пишуваат јужноафриканските портали.
Тамошната полиција ги истражува околностите во кои трагично го загуби животот Јанеска, но засега го третира случајот како самоубиство. Иако случајот во полицијата го пријавил нејизниот партнер, кој бил дома кога таа загинала, семејството и пријателите изјавиле дека не можат да веруваат дека таа сама би си го одзела животот.
„Полицијата добила повик за лице кое наводно се самоубило во имотот Басонија. По пристигнувањето на дадената адреса, полицијата пронашла жена во спалната соба со прострелна рана во главата. До неа имало огнено оружје. Смртта ја потврдил лекар“, изјавил портпаролот на полицијата Масондо.
Порталот пренесува дека нејзиното момче за време на настанот било во домот.
Според нејзин роднина, семејството на Јанеска дознало за нејзината смрт преку еден од поранешните соработници на Филипс, кој им се јавил да им каже дека нејзиното тело е пронајдено, а дека самоубиството е сомнителна причина за нејзината смрт.
-Таа понекогаш се плашеше за својот живот. Нејзиното момче имаше мажи кои работеа за него, а таа се плашеше и од нив. Срцето ни е скршено и сериозно не знаеме што да правиме, рекол соговорникот.
Нејзината врска со Филипс – кој е ко-директор на компанијата за цигари на Адријано Мацоти, Carnilinx – беше опишана од оние кои ја познаваа двојката како „вклучена и исклучена“. Фотографијата подолу е една од ретките на која е парот е заедно(Филипс е втор од лево)
Познатата инфлуенсерка, која имала над 1,2 милиони следбеници пред неколку дена била во Македонија.
Јанеска е по потекло од Охрид, повеќе од една деценија живеела во Танзанија, а периодот пред смртта го поминала во Јужна Африка. Маја Миа пред извесен период беше во Скопје и објави фотографии со неколку политичари, меѓу кои, Бујар Османи и Венко Филипче, чии фотографии се на профилот од инфлуенсерката.
На социјалните мрежи се огласи и Сефер Цановски, директор на АУЕ-ФОН Универзитет, чија пријателка била Маја:
Ние имаме свои планови, но господ има негови. Од него сме создадени и кај него сите ќе одиме.
Не можам да поверувам дека повеќе не е меѓу нас а само минатата недела беше во Македонија да го прослави тоа што на државава и помогна да биде признаена од Јужна Африка и после долго време да воспостават дипломатски односи.
Ја немав видено повеќе од 20 години од средношколските денови и минатата година во Дебар мало некој ми вика “кај си школски ? Гледам познато лице. Море школски Маја ме заборај ? 20 години сум Африка, останав ама не старееме, гледам дека си и ти добар , уба генерација сме не се даваме… Ај да и помогнеме на државава да се признајт да напрајме нешто. . .
Од секогаш беше добричина, уникатна и своја. Ја имаше истата енергија со еден куп планови и беше полна со живот.
Ми кажа дека создала голема мрежа на пријатели во многу држави на афричкиот регион и дека ја почитуваат како успешна жена. Во тоа се уверив и сам во моето патување во Африка кога организираше средби со неколку земји и со цел државен врв во Преториа на Јужна Африка. Беше многу почитувана таму. А само 3 дена подоцна Ј. Африка испрати писмо до МНР на МКД дека се подготвени да воспостават дипломатски односи. Желба и беше во Ј. Африка да има македонска амбасада.
Вчера министерката на претседателот на Јужна Африка ми се јави со шокантна вест и ме извести дека во петокот сабајле Маја го загубила животот во несреќен случај.
Изразив сочувство до нејзината фамилија каде ме известија дека со нејзиниот вереник од Јужна Африка се слушнале за трагедијата која се случила и ветил дека заедно со авион ќе ги донесе посмртните останки и ќе биде достоинствено погребана во својот Охрид.
Не можам да поверувам дека пишувам за оваа голема трагедија.
А имаше толку многу планови…
Сочувство до семејството и бог да ја прости.