Фудбалската репрезентација на Мароко се пласираше во четвртфиналето на Мундијалот во Катар, откако подобро изведуваше пенали од Шпанија (3-0). Средбата на „Едукејшн Сити“ беше беспоштедна битка во сите 120 минути (0-0), Мароканците пружија силен отпор и дојдоа до пенал рулетот кој на крајот го добија. Ова беше еден вид на карма за Шпанија, која калкулираше во групната фаза и практично „бираше“ во кој дел од костурот ќе продолжи, па сега загуби во првата нокаут рунда.
Пресметката која се одигра во Ал Рајан тргна со тактичко надмудрување на двајцата селектори. Шпанците важеа за фаворит, меѓутоа не се наметнаа премногу и се играше целосно рамноправно. Првото полувреме го одбележаа шансите на Марко Асенсио за „фуријата“, како и Најеф Агерд за Мароканците, меѓутоа мрежите мируваа по 45 минути.
Ниту вториот дел не понуди којзнае каков фудбал, двете селекции мирно ги чекаа своите шанси и не ризикуваа премногу. Закана по противничкиот гол прв упати Дани Олмо по кратко изведен слободен и со удар откосо, меѓутоа голманот Боно избоксува. Мароканците беа опасни по брза транзиција и контри, креираа неколку полушанси кои не ги искористија, а во финишот Шпанија имаше блага доминација. Иако упатија неколку упасни уфрлувања, дефанзивата на Мароко беше на нивото и ги одби шпанските налети за продолженија.
Првото доигрување беше мирно, по многуте измени играчите како да бараа аклиматизација на теренот. Шпанија повторно повеќе ја имаше топката во своите нозе, ама не успеваше да направи вистински шанси на гол поради добро поставената одбрана на противникот. Најголемата шанса на продолженијата и натпреварот беше за Мароко. Резервистот Валид Чедира прими топка среде шеснаесетникот на Шпанците, се намести и биеше млако, по средината и голманот Симон одбрани, па Мароканците имаа за што да жалат. Второто продолжение беше со уште пониско темпо, избраниците на Луис Енрике кружеа околу противничкиот бедем, а одново најголемото возбудување беше пред шпанскиот гол. Чедира изведе брз спринт по украдена топка, беше сам и имаше опции, ама ривалите го стигнаа додека тој се премислуваше и натпреварот влезе во пенал рулетот и покрај крајниот притисок на Шпанија.
Првиот пенал одбраа да го шутираат Мароканците, а сигурен беше Сабири, пред Сарабија да ја погоди стативата и Зијеч да донесе двојна предност (2-0). Следеше серија одбрани на голманите. Боно херојски ги фати шутевите на Солер и Бускетс, а Симон го спречи Бенун. Шансата за заверка на четвртфиналето ја искористи Ашраф Хакими со победоносен гол за 3-0. Мароко ја доби пенал серијата и се пласираше понатаму.