Жозе Мурињо е првиот „пик“ за нов селектор на Португалија, кога Федерацијата на таа земја и официјално ќе се раздели со Фернандо Сантош. До следните репрезентативни натпревари на Португалија има време. До тогаш главно прашање во португалскиот фудбал ќе биде дали Сантош ќе остане селектор.
Според некои медиуми трофејниот португалски стратег Мурињо веќе добил понуда да ја преземе репрезентацијата на својата земја и покажал интерес да отвори ново поглавје во фудбалскиот ангажман како селектор. Во Португалија како што се најавува не бараат тој да ја напушти Рома, туку паралелно да работи на двете позиции. Опцијата за Мурињо била интересна, но се прашува и Рома, на која можеби ова ќе и пречи, бидејќи „Специјалниот“ нема да може целосно да се посвети на клубот.
Португалците размислуваат селекторската позиција да му ја доверат и на предводникот на тимот до 21 година Руи Жорж. Вчера во јавноста од британскиот „Атлетик“ беше лансирана информација дека Мурињо може да ја добие и селекторската позиција на Англија, меѓутоа засега тоа не изгледа како реална опција.