Фудбалерите на Саудиска Арабија не ја минаа групната фаза на Мундијалот во Катар, но ќе остане запишано дека го направија најголемото изненадување со сензационалниот триумф над Аргентина (2:1). По мечот имаше многу шпекулации дека саудиските херои за големата победа како награда добиле скапи часовници „Ролекс“ , луксузни автомобили „Ролс Ројс“, но ваквите информации се демантирани од првиот човек на Фудбалската Асоцијација на Саудиска Арабија, Јасер ал Мисехал..
-Читавме најразлични работи, но вистината е сосема поинаква. Фудбалерите не добија ниту скапи часовници, ниту, пак, луксузни автомобили. Немаше никаква специјална премија, нивната награда беше фактот дека станаа познати, херои на народот. Гордоста да се биде дел од репрезентацијата и да се бранат боите на државата, тоа е чест што не може да се укаже секому и тоа е главната награда, што нивните имиња ќе останат запишани во историјата на Саудиска Арабија, изјави Јасер Ал Мисехал.