Франција го победи најголемото изненадување на Светското првенство, селекцијата на Мароко и во финалето ќе го брани трофејот од Светското првенство.
Мароко и пред ова полуфинале испиша историја станувајќи првата репрезентација од Африка која се пласирала меѓу четирите најдобри на еден Мундијал. Мароканците против Хрватска ќе се борат за бронзата.
Франција уште во петтата минута успеа да го отвори натпреварот, Тео Ернандез постигна гол за водство од 1-0.
Брзо потоа Французите пропуштија сериозна шанса да ја зголемат предноста, Оливие Жиру ја погоди стативата од мароканскиот гол.
Потоа Мароко ја презема иницијативата и се обидуваше да го израмни резултатот уште пред одморот. Ел Јамик изведе прекрасни ножички, но неговиот удар заврши во стативата, се чини дека и Хуго Лорис прво ја допре таа топка и не дозволи мрежата да биде затресена.
Во вториот дел Мароко тргна уште пожестоко кон израмнување, се играше пред голот на Франција, но во 79. минута Рандал Коло Муани по само 44 секунди откако влезе во игра го даде својот деби гол за репрезентацијата и зголеми на 2-0. Веќе се беше јасно.
До крајот на мечот Мароко се обидуваше со гол да се врати во игра, но не успеа. Франција искусно го приведе мечот до крај и заслужено се радува на големиот триумф.
Во недела од 16 часот во финалето ќе играат Франција и Аргентина, а ден порано во истиот термин Мароко и Хрватска ќе се борат за бронзата.