Екипата на Бостон Селтикс излезе како победник во вечното дерби против Лос Анџелес Лејкерс на средбата која утрово се одигра во „Крипто.ком Арена“ во Калифорнија.
Tие по продолженија го совладаа големиот ривал со 122-118 во највозбудливиот натпревар кој ноќва се одигра во НБА лигата.
Леброн и другарите имаа водство од 106-93 на четири и пол минути до крајот и се чинеше дека натпреварот е во нивни раце. Сепак, Селтикси, моментално најдобриот тим во лигата, не се предадоа. На крилата на Тејтум и Браун ја намалија разликата, а на 18 секунди до крајот Тејтум му донесе израмнување на својот тим на 110-110.
Лејкерси го имаа последниот напад, но шутот за победа го промаши Леброн Џејмс, па Селтикси во дополнителните пет минути тргнаа во серија од 12-0 и остварија важна победа.
Тејтум натпреварот го заврши со 44 поени, девет скока и шест асистенции, а го следеше Џејлен Браун со „дабл-дабл“ учинок од 25 поени и 15 скока. Кај Лејкерси со 37 поени и 12 скока најпрецизен беше Ентони Дејвис, додека Леброн заврши со 33 поени и по девет скока и асистенции.
Милвоки Бакс лесно го совлада актуелниот шампион Голден Стејт Вориорс со 128-111. Тимот од Висконсин веќе во првиот дел воспостави контрола, и релативно лесно ја приведе работата до крај.
Јанис Адетокунбо и покрај лошиот шут од поле (9/26) стигна до 30 поени и 12 скока, Портис 25, а Мидлтон 20 поени. За Вориорси Стеф Кари постигна со 20, Камингс 19, а Пул 18 поени.
Јута Џез го декласираше најдобриот тим на Западот, Њу Орлеанс со 121-100, додека Хјустон Рокетс го победи Феникс со 111-97. Ембид со 31 поен ја предводеше Филаделфија до победа од 123-103 над Сакраменто.