Фернандо Сантош се повлече од функцијата селектор на Португалија, објавено е на официјалниот сајт на тамошната федерација.
Двете страни донесоа ваква одлука по елиминацијата на Португалците од Светското првенство 2022 во четвртфиналната фаза.
Во четвртфиналето Португалија загуби од Мароко со резултат 1:0 и го заврши настапот на турнирот.
Договорот на 68-годишниот фудбалски стручњак беше со важност до 2024 година, а страните со меѓусебен договор го раскинаа предвреме.
Сантош го водеше националниот португалски тим од 2014 година. Со него на селекторската функција, Португалија го освои Европското првенство 2016 и Лигата на нации 2018/19.
Селекторот на Португалија одби да поднесе оставка по поразот од Мароко.
-Оставка? Тој збор не постои во мојот речник. Кога ќе се вратиме во Португалија, ќе имаме мирна дискусија и ќе видиме каква анализа можеме да направиме. Не знам дали можеме да зборуваме за неуспех. Можевме и подобро, но има денови како денешниот, кога треба малку среќа, изјави 68. годишниот тренер.
Сантош ја послуша португалската јавност која во голем број изјави дека не го сака Роналдо во првиот тим, па најголемата португалска ѕвезда ги почна двата последни натпревари од клупата. Сепак, дел од португалските фудбалски егенди го критикуваа Сантош оти не го ставил Роналдо од почеток против Мароко.