Новозеланѓанец извозел повеќе од два милиони километри со неговата Toyota Corolla од 1993 година – а автомобилот сè уште работи беспрекорно. Грејм Хебли (72) истакна дека ја достигнал границата од 2 милиони во март оваа година и верува дека неговиот автомобил најверојатно „ќе работи засекогаш“.
Тој го купил автомобилот во 2000 година кога Королата имала поминато само 80.000 километри. Бидејќи работи како доставувач на весници од 1968 година, брзо ја акумулирал километражата на Тојотата. Шест дена во неделата патувал од Велингтон до Њу Плимут, на Северниот остров во земјата. За тоа патување во еден правец се потребни четири часа и 45 минути.
Неговата Тојота, која сè уште ги има оригиналниот мотор и менувачот, поминува речиси 5.000 километри секоја работна недела. За да ги држи работите под контрола, г-дин Хебли го сервисира својот автомобил во Guthrie’s Auto Care на секои две недели.
Механичарот Џон Шерман го потврди рекордот по долгогодишно сервисирање на Королата.
-Да не работев на неа, немаше да верувам. Нема шанси да верувам дека може да помине два милиони без нешто да тргне наопаку, изјави тој за New Zealand Herald.
Шерман ја припишува импресивната бројка на бројчаникот на сигурнооста на постарите возила на Тојота, честите сервиси и постојаното одржување од Хебли.
Тој тврди дека никогаш не видел ништо блиску до растојанието што го поминала королата, истакнувајќи дека најблиску бил автомобил кој поминал 700.000 километри.
-Но, ништо вакво. Во целата моја кариера тоа е најмногу што сум видел, рече тој.
Г-дин Хебли сè уште патува низ Новозеландскиот Северен Остров секоја недела, велејќи дека не планира да престане да вози наскоро.
-Во овој момент верувам дека таа би можела да ме надживее, вели доставувачот.