Денеска, почина Синиша Михајловиќ губејќи ја најважната битка со тешката болест, објави италијанскиот весник „Газета дело спорт“.
Иако двапати успеваше да се избори со болеста, состојбата на поранешниот српски фудбалер и селектор сериозно се влоши во последните денови.
За жал, како што пренесува медиумот, најцрните сценарија се остварија, па Михајловиќ почина денеска на клиника во Италија на 53-годишна возраст.
Негов последен ангажман беше како тренер на Болоња, од каде што беше отпуштен пред неколку месеци.
Михајловиќ е роден на 20 февруари 1969 во Вуковар. Професионалната кариера ја започна во Војводина, по што се пресели во Црвена звезда, каде што беше еден од клучните играчи во шампионската генерација која ја освои Лигата на шампионите во 1991 г. По Црвена звезда играше за Рома, Лацио, а кариерата ја заврши во Интер. Во текот на кариерата освои голем број трофеи и индивидуални признанија.
Со Црвена ѕвезда ја освои титулата европски првак во 1990 година како дел од генерацијата со Дарко Панчев и Илија Најдоски, а беше и шампион на Италија со Лацио и Интер. Со Лацио триумфираше во Купот на УЕФА и Суперкупот.
За репрезентацијата на Југославија одигра 63 натпревари и постигна десет голови.
Михајловиќ ќе остане запаметен како еден од најдобрите изведувачи на слободни удари. Заедно со Џузепе Сињори се единствените играчи во историјата на Серија А кои постигнале три голови на еден натпревар од слободни удари.
Синиша Михајловиќ го држи и рекордот, заедно со Андреа Пирло, според бројот на постигнати голови во Серија А од слободни удари (28).
Српскиот фудбалер во 2019 година беше прогласен за почесен граѓанин на Болоња.
Како тренер во два наврати ја предводеше Болоња, а седеше и на клупите на Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино., како и на репрезентацијата на Србија.