(Видео) Најскапиот филм на сите времиња доби само 33% на „Ротен томатос“

Некогаш се случува филмовите кои се предодредени да бидат големи хитови целосно да потфрлат, а доказ за тоа е најскапиот филм на сите времиња, кој помина исклучително лошо кај критичарите.

Филмот „Пиратите од Карибите: Непознати плими“ (Pirates of the Caribbean: On Stranger Tides) од 2011 година е најскапиот филм некогаш снимен, со буџет од 379 милиони долари, но и покрај ова, се смета за најлошо продолжение на сагата.

Дури и синопсисот звучеше ветувачки. Капетанот Џек Спероу (Џони Деп) ќе запознае жена од неговото минато (Пенелопе Круз), но нема да биде сигурен дали тоа е љубов или таа се обидува да го измами за да ја добие Фонтаната на младоста.

Иако филмот беше хит во кината и заработи милијарда долари, повеќето гледачи немаа убави зборови за него. Нешто недостасуваше.

Лоши критики – филмот доби поразителни 33 проценти од „Ротен томатос“. Оваа веб-страница, позната како агрегат на рецензии, ја мери пропорцијата на позитивни критики за сите филмови. За многумина е првото место каде што проверуваат дали вреди да се гледа некој филм.

Филмот доби 54 проценти од фановите, кои беа речиси едногласни дека четвртиот дел од серијалот е целосна катастрофа.

„Уште од воведната сцена, јасно е дека магијата што беше присутна во оригиналот е целосно исчезната“, напиша еден гледач, додека друг додаде дека ова е најлошото од сите продолженија.

„Спероу е толку сакан лик што идејата да му се даде повеќе време на екранот изгледаше како добра работа, но тоа не се случи“, коментираат фановите. Некои додадоа дека филмот е една долга прошетка низ џунгла.

Треба да знаете
Последни објави