Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино денес ја обелодени веста која што ќе донесе многу промени во фудбалот во иднина.
Постојано се спроведуваат нови работи за популаризирање на фудбалот. Покрај новите технологии, ФИФА сега промовира формирање на нови натпреварувања во почести интервали. Поточно, ќе има проширување на Светското клупско првенство кое почнува од 2025 година. На истото ќе бидат вклучени 32 екипи и ќе се игра на секои четири години.
„Тоа ќе биде турнир налик на Светско првенство“, изјави Инфантино.
Неофицијално, најмногу клубови со новиот формат ќе има Европа, а турнирот би требало да се одржи во САД, Канада и Мексико како увертира за Мундијалот 2026 година што овие три земји заеднички ќе го организираат.
Инфантино изјави дека сè уште се размислува за форматот на следното Светско првенство на кое ќе брои 48 репрезентации.
„Тоа е нешто што сè уште го разгледуваме. Ќе видиме дали ќе бидат 16 групи по три екипи или 12 групи по четири.
Дополнително, ФИФА ќе создаде турнир од „Светска серија“ кој ќе ги собере сите конфедерации и ќе биде од пријателски карактер.
Несомнено, сите новитети на ФИФА ќе пореметат бројни календари, како националните првенства, така и натпреварувања во организација на УЕФА и значително ќе го зголеми бројот на натпревари, што веќе е проблем за клубовите.