Кралот е крунисан во Катар ! Лионел Меси по освојувањето на „Златната божица“ со Аргентина, која во финалето на 22. Светско фудбалско првенство во Катар ја симна од тронот Франција со подбро изведување на пенали (2:2 во регуларен дел, 3:3 по продолженија – 4:2 на пенали) нема дилеми дека го потврди епитетот најдобар меѓу најдобрите во најважната споредна работа на светот – фудбалот.
Седумкратниот освојувач на „Златаната топка“, европскиот и светски шампион на клупски план, Меси е и светски првак со репрезентацијата. Трофеј кој му недостасуваше во неговата богата трофејна колекција со поединечни и клупски признанија, рекорди… поради што критичарите му го оспоруваа и епитетот најдобар. „Златната божица“ е во неговите раце како капитен на Аргентина. Критичарите и противниците повеќе немаат аргументи во рацете да ги оспорат постигнувањата на Меси.
Дебатата за најдобриот на сите времиња во светот на фудбалот е завршена – ЛИОНЕЛ МЕСИ.
Ова поглавје во фудбалската историја е затворено.
Сега е време е на воодушевувања, прослави и прераскажување на она што ги остави без здив сите љубители на спортот, а посебно на фудбалот на планетава, а го понудија на теренот низ 120 минути игра и пенал-рулет Аргентина и Франција во Доха.