Со заоѓањето на Сонцето, вечерва почнува – Ханука или Хаг Хаурим, празникот на слободата и светлината, кој ќе трае до 26 декември. Ханука се слави во спомен на тригодишната ослободителна војна, односно ослободувањето на Ерусалим во 165 п.н.е., кога беше „повторно запалено кандилото, а идолите беа исфрлени од Храмот”.
Прославата трае осум дена, при што еврејските семејства палат свеќник со осум гранки (ханукија), кој наликува на менора, со осум главни гранки и една помошна гранка.
Во деновите на Ханука, Евреите се сеќаваат на победата на еден од петте синови на Хакохен – војсководачот наречен Макаби (чекан) – над Сиријците и повторното осветување на храмот во Ерусалим.
Најпрво се поставуваат осум еднакви свеќи, по една за секој ден од празникот, од десно кон лево, потоа со специјална свеќа „шамаш”, која стои во помошниот крак, свеќите се палат од лево кон десно, секој ден, така што на крајот на осмиот ден од празникот, сите ќе бидат запалени.
Легендата вели дека по уништувањето на ерусалимскиот храм, во него било пронајдено масло за менора, кое било доволно само за еден ден. Но, маслото во кандилото горело цели осум дена, што во јудаизмот се смета за чудо.
Во деновите на Ханука се пеат оди за Ерусалимскиот храм, се јадат крофни сите осум дена од празникот, кој се слави во домовите, училиштата, еврејските заедници, здруженијата и на плоштадите. Во Израел се палат свеќи на сите плоштади и пред градското собрание.
Ханука се честита со изразите: Ханука лесимха! Среќна Ханука! Земан урим лесимха! Време на свеќи за радост.