Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски во интервју за порталот Спорт1 ги изнесе своите ставови поврзани со случувањата во ФФМ.
Откако повеќе од успешно ја заврши својата ,,мисија” наречена селектор на Македонија, Ангеловски стана трн во око на раководните луѓе на ФФМ.
ФФМ во изминатава деценија ја следеа многу скандали, но посебно во изминативе три години откако Муамед Сејдини запоседна на првата фотелја за да го наследи Илчо Ѓорѓиоски, на кого му беше претходно потпретседател. Па излегуваа аферите со делењето премии за УО во екот на најголемиот успех (по 20.000 евра од член на УО), разно-разните привилегии на фотелјашите, а сè подлабокото пропаѓање на домашниот фудбал со кулминација – четврти одзади на УЕФА-листата и загубено место во Европа Лигата од 2024 година…
„Тоа делење на премиите мина без капитенот и селекторот, а учествуваше претседателот, па се делеа премии за расчистувања на коцкарски долгови и за жал некои од фудбалерите во репрезентацијата останаа со помалку пари. Пандев замина во пензија, цел свет му се поклони, сите клубови му оддадоа признание, му кажаа благодарам, а само ФФМ беше единствена која ништо не направи. Па, и таа традиција од 30 години со доделувања на награди за најдобрите во годината ја откажаа. Сега се надевам дека годинава ќе ја направат, зашто беше успешна и ќе си поделат награди за победите со Гибралтар. Уште и (рас)кажуваат после моето заминување дека атмосферата во репрезентацијата не била добра, а еве сега нека кажат – каква е атмосферата во репрезентацијата? За да си го затскријат неуспехот сакаа и вината да ја префрлат врз двајца репрезентативци за кои можам да кажам дека секогаш гинеле за Македонија и повредени доаѓале да играат за А-тимот додека бев јас селектор“, потенцира Ангеловски