Бензема стави крај на репрезентативната кариера

Годинашниот добитник на „Златната топка“, Карим Бензема, објави дека ја завршува кариерата во француската репрезентација. Напаѓачот на Реал Мадрид објави кратка порака на социјалните мрежи во која објави дека ова е крајот на неговата приказна со националниот тим.

„Вложив труд и направив грешки, кои ме доведоа до тоа што сум денес, и горд сум на тоа“. Ја напишав мојата приказна, а нашата завршува тука“, се вели во пораката на Бензема.

Бензема се врати во националниот тим во пресрет на ЕВРО 2020. Тој беше суспендиран од тимот во 2016 година поради скандалот со уцена на неговиот соиграч Матие Валбуена.

Напаѓачот беше вклучен во тимот на Дидие Дешамп за Светското првенство во 2022 година, но се повреди непосредно пред почетокот на првенството во Катар. Селекторот на „триколорите“ никогаш не повика нов играч на негово место, а опоравувањето на Бензема, кој веќе тренира со полн ритам со Реал Мадрид, ги подгреа шпекулациите дека Дешамп би можел да го вклучи во тимот за финалето против Аргентина. Сепак, тоа не се случи, а напаѓачот објави кратка порака со текст „Не сум заинтересиран“, која француските медиуми ја протолкуваа како доказ за неговиот конфликт со селекторот.

Бензема постигна 37 гола на 97 натпревари во дресот на Франција.

Треба да знаете
Последни објави