Во Париз е откажан денешниот дочек на француската фудбалска репрезентација, која вчера загуби од Аргентина на пенали во финалето на Светското првенство во Катар.
Претседателот на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ), Ноел ле Грет, во изјава за локалните медиуми прецизираше дека дочекот е откажан бидејќи фудбалери изразиле желба веднаш по слетување да заминат во своите домови.
Првично беше планирана кратка церемонија на Плас де ла Конкорд, но поради вчерашниот пораз веќе беше откажана традиционалната поворка на Шанзелизе. Сега, како што прецизираше Ле Грет, е откажана и кратката церемонија.
Авионот со француските фудбалери треба да слета на парискиот аеродром околу 18 часот.
„Играчите само сакаат да одат дома, така што нема да има дочек на Шанзелизе. Место тоа, ќе заминат во своите домови веднаш откако авионот ќе слета”, изјави претседателот на ФФФ.