Спектакуларниот дочек на аргентинските фудбалски херои во Буенос Аирес се претвори во тотален хаос што го создадоа навивачите кои сакаа да бидат што поблиску до своите идоли. Крајниот епилог е поразителен – две човечки жртви, едно бебе се наоѓа во кома, а илјадници навивачи беа третирани во болниците поради повредите здобиени за време на прославите.
Според аргентинските медиуми, над пет милиони луѓе се нашле низ улиците на главниот град за да ги поздрават фудбалерите. Навивачите се качуваа на семафори, автобуски постојки, дури и мостови, а уште синоќа се појавија и видео од фанови како од мостови се фрлаат кон автобусот со фудбалерите, во очајнички обид да им се приближат на своите спортски херои.
Едно 24-годишно лице го загуби животот откако паднал од стаклениот кров на кој бил качен и починал на лице место. Друг навивач пак починал откако се задушил од знамето што го имал врзано околу вратот, откако преку него поминал мотоцикл и почнал да го влече зад себе.
Петгодишно дете се наоѓа во кома откако на главата му паднал дел од споменик на кој биле качени десетина навивачи.
Ситуацијата беше на работ да излезе од контрола откако беше блокиран автобусот со фудбалерите, кој триесетина минути стоеше во место, за на крајот играчите и стручниот штаб со хеликоптери да бидат евакурани.
Како што дојде ноќта во Буенос Аирес, се зголемија и проблемите и инцидентите, па полицијата до доцна во ноќта се борела со хулиганите, користејќи и водени топови и гумени куршуми. Непосакуван крај на нешто што требаше да биде спектакл.
More than a million fans stormed the streets of Buenos Aires after Argentina won the World Cup ???? pic.twitter.com/2dt1Ko3WC2
— ESPN UK (@ESPNUK) December 20, 2022