Фудбалерите на Манчестер Сити се радуваа во осминафиналето на Карабао купот во супер-дербито против Ливерпул со 3-2 (1-1). Средбата на „Итихад“ како и многуте претходни беше вистински спектакл, понуди пет погодоци, отворена игра, шанси и многу атрактивен фудбал на гол повеќе.
Домашните рано стигнаа до предност. Кевин Де Брујне упати одлична топка во шеснаесетникот, а таму Ерлинг Халанд го покажа голгетерскиот инстинкт и стрела за 1-0 во десеттата минута. Сепак, радоста на домашните кратко траеше бидејќи Ливерпул само десет минути подоцна израмни на 1-1. Одбраната на Сити многу наивно го остави осамен Фабио Карваљо на пеналтикот, кој по повратна топка од Милнер лесно погоди. Следеше период со шанси до полувремето, „црвените“ беа поблизу до гол бидејќи Дарвин погоди статива, а на спротивната страна се обидуваа Гундоган и Аке.
Откако по првиот дел немаше резултатски промени, во вториот се влезе навистина фуриозно со два погодоци за само 80 секунди. „Граѓаните“ поведоа во втората минута од продолжението, откако Ријад Марез изведе мајсторија. Алжирецот одлично прими топка, се ослободи од чуварот и го матира Келехер за 2-1. Сепак, израмнувањето дојде практично во следната акција, откако одново наивно испадна одбраната на домашните. Овојпат егзекутор беше Мохамед Салах кој израмни на 2-2.
Сепак, мечот беше одлучен во 58. минута, со погодокот на дефанзивецот Натан Аке. Холанѓанецот доби центаршут од Де Брујне, па погоди за 3-2. До крајот на мечот најголемата можност ја имаше Дарвин, кога излета сам пред голот на Сити, меѓутоа не успеа да реализира и домашните се радуваа на победата.
Карабао купот оваа година ќе добие нов шампион, бидејќи актуелниот освојувач Ливерпул е елиминиран уште во осминафиналето.