Мета, компанијата која е сопственик на Фејсбук, вчера се согласи на спогодба во која ќе плати 725 милиони долари за скандалот „Кембриџ Аналитикс“, случај во кој е обвинета дека дозволила трети лица, вклучително и Кембриџ Аналитикс да пристапат до личните податоци на корисниците.
Ова е најголема сума која е исплатена за заедничка тужба поврзана со заштита на податоци. Тужбата беше покрената во име на сите американски корисници на Фејсбук. Според процената во пресудата, станува збор за помеѓу 250 и 280 милиони корисници.
Фејсбук, иако се спогоди, сепак не презема вина за пропустот. Наместо ова компанијата кажа „спогодбата е во најдобар интерес на нашата заедница и акционерите“.
Во 2019, Фејсбук по истрагата на Федералната комисија за трговија се согласи да плати 5 милијарди долари за прекршување на правото на приватност. Истата година платија и 100 милиони долари казна во истрагата која ја отвори Комисијата за трговија со хартии од вредност бидејќи ги доведе во заблуда инвеститорите за злоупотреба на податоците на корисниците.
Скандалот започна и заврши со британската консултантска компанија Кембриџ Аналитикс. Во 2018 беше објавено дека во 2015 благодарение на апликација „This is Your Digital Life“ креирана од професорот Александар Крогн биле собирани податоци од околу 87 милиони корисници. Апликацијата никогаш не надмина 270 000 корисници.
До податоците дојдоа благодарение на пропуст во Facebook Login кој овозможуваше освен логирање, креаторот на апликацијата да повлече куп лични податоци. Во овој период Фејсбук знаше за ова, и преземањето на податоци беше забрането. Сепак придржувањето до забраната беше оставено на доверба на креаторот на апликацијата. Алексадар Крогн не се придржуваше до правилата за користење, и ги собра податоците од сите кои се логирале и од нивните пријатели.
Кога дозна за ова Фејсбук побара податоците да бидат избришани. За жал компанијата ниту имаше начин, ниту провери дали овие податоци се избришани. Да не беше свиркачот Кристофер Вајли кој објави дека Кембриџ Аналитикс сѐ уште ги поседува податоците на корисниците, можеби немаше нити да дознаеме за скандалот, a Кембриџ Аналитикс и натаму ќе постоеше.
Благодарение на овие детални податоци Кембриџ Аналитикс успеа да креира систем за таргетирано рекламирање. Во 2016 беа дел од претседателската кампањата на Доналд Трамп. Компанијата беше обвинета за психолошко профилирање за таргетирано политичко рекламирање.
Како последица од скандалот Кембриџ Аналитикс прогласи банкрот и компанијата престана да постои.