На 900 метри надморска височина, во пазувите на планината Баба се наоѓа преспанското село Арвати, каде што живее Руменка Димовска, неуморна жена, која произведува јаболка и подготвува различни овошни преработки од продукти набрани во недопрената природа на нејзиното село.
„Нешто најнеблагодарно е да се фрла храна што е произведена со труд и многу љубов. Затоа решив да започнам со сушење на овошје, првенствено на јаболката од нашите овоштарници“, ни открива Руменка, која е членка на Националната федерација на фармери, за тоа како решила да почне да произведува сушено овошје.
Јаболката ги суши во сушара, без никакви додатоци, а како што ни кажа Руменка, доколку е добро спакувано, сушеното овошје може да стои и цела година без да ги загуби својствата.
Освен сушени јаболка, Руменка произведува и секаков вид домашни слатка и мармалади од шипинки, смоква, дренки, ликери, чаеви од планинско оригано, и секакви други лековити билки, сокови од дуња и автохтони боровинки кои ги собира од недопрената околина на Арвати.
Еден од врвните деликатеси што ги произведува е сушен вргањ собран во недопрената дабова и букова шума во пределот на Баба планина, извор на протеини потребни на човекот. Сушениот вргањ го збогатува вкусот на јадењата, а во кујната на Руменка е неизоставен дел.
Руменка работи заедно со другите жени од Арвати и со здружени сили се обидуваат да ја одржат и зачуваат традицијата. Вели дека има интерес за нејзините производи и дека сѐ повеќе се зголемува бројот на луѓе кои сакаат да пробаат нешто ново, нешто здраво и органско.
Дозволете си незаборавно патешествие до прекрасната ресенска природа, запознајте ги луѓето кои ја правата вашата храна. Семејството Димовски ќе ве пречекаат домаќински со домашни вкусни производи од природата-вргањ печен на жар, шумски плодови, слатко, мармалад, ѓомлезе, пита…
Арвати е село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено на околу 3 километри источно од Големото Преспанско Езеро, во длабока живописна пазува на планината Баба, во средишниот дел и од двете страни на реката Шара (позната и како Арватска или Кранска Река).
Низ годините арваштани се занимавале со поледелството и сточарството. Во рамките на поледелството порано преовладувале житарките (’рж, пченица, јачмен, пченка) и градинарските производи (пиперки, домати, лук, кромид, грав, тикви, краставици и др.), а денес преовладува јаболковото овоштарство. Во рамките на сточарството најмногу се одгледуваат говеда, коњи, овци и кози.