Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ги посети двократните светски шампиони во CS:GO и ги поздрави нивните вештини.
Нашата македонска CS:GO репрезентација стана двократен светски шампион и во тоа име, претседателот на државата, како што информираат од Македонската Еспорт Федерација, одлучи лично да ја пренесе својата честитка и со тоа да го уважи огромниот успех остварен од страна на нашите репрезентативци.
– Посетата на Претседателот е едно од највисоките признанија за Македонската Еспорт Федерација и доказ дека Е-спортот се движи во правилна насока, велат од Федерацијата.
Оттаму информираат дека претседателот лично имал „дуел” со Светските шампиони и ги поздравил нивните вештини, со порака за одговорно играње и задолжителна физичка активност.
Од Федерацијата информираат дека во 2023-та година, МЕСФ ќе се фокусира на задржување на европскиот и светски трон во CS:GO и на унапредување во другите дисциплини.
Македонската Е-спорт Федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната Е-спорт Федерација и на Европската Е-спорт Федерација.
Досега наши учесници биле дел од 15 меѓународни првенства, а ова е второто светско првенство на кое освојуваме медал.