„Умри машки“, акциониот класик во кој Брус Вилис го глуми култниот лик на детективот Џон Меклејн, се смета за еден од најдобрите божиќни филмови на сите времиња.
Сепак, и по 34 години од неговата премиера, сè уште има дебати за тоа дали Die Hard е навистина божиќен филм.
Дејството на филмот се случува во пресрет на Божиќ, додека на 30. кат од зградата на корпорацијата „Накатоми“ во Лос Анџелес трае забава за вработените. Меѓу нив е и Холи Џенаро Меклејн, сопругата на њујоршкиот детектив Џон Меклејн, кој доаѓа во градот да ја посети својата сопруга. Но, веднаш по неговото пристигнување, во зградата упаѓа група терористи предводени од ладнокрвниот и немилосрден Ханс Грубер.
Откако ќе ги убијат чуварите и ќе ја окупираат зградата, терористите ги собираат сите присутни во една просторија. Грубер набрзо го убива шефот на корпорацијата. Кога ќе ги слушне истрелите, Меклејн сфаќа што се случува и дека Холи станала заложник, но и дека само тој може да им помогне.
„Филмот не е за Божиќ, ниту пак бил премиерно прикажан на Божиќ, но гледачите го поврзуваат со тој празник“, рече еднаш филмскиот критичар Мајк Хан, а со него се согласува и Брус Вилис. Многу филмомани не го делат нивниот став, но како и да е, омилениот акционен класик е вистински божиќен филм, а еве зошто,“ пишува порталот The Gazette.
Се случуваат многу лудории на празничните забави во канцеларии, барем според сцените на холивудските филмови. А најлудо од сè е што социопат Ханс Грубер ги претвора вработените во заложници за време на забава. Клучен е фактот дека забавата се случува во пресрет на Божиќ.
На Ханс, Фриц, Марко, Тео и другите терористи им беше потребна лежерноста на таквата забава за да им успее планот, а компаниите не прават вакви забави во ниту еден друг период од годината.
Грубер е класичен капиталистички негативец кој сака да краде пари и нема да престане да го прави тоа. Спротивно на тоа, Џон Меклејн негува нематеријални семејни вредности и само сака да се врати дома кај своето семејство за празниците.
Музиката во „Умри машки“ е полна со божиќни песни. Winter Wonderland, Let it Snow!, Christmas in Hollis и Ode to Joy се само неколку од божиќните песни што се појавуваат во една или друга форма во филмот.
Иако не го користи презимето Меклејн, туку Џенаро, името на сопругата на Џон не е случајно Холи, туку очигледна алузија на Божиќ.
Време за дарување – пријателот на Џон, полицаецот Ал, купува колачиња за неговата бремена сопруга, Хари Елис ѝ дава на Холи часовник „Ролекс“ како подарок од компанијата. Дури и пиштолот на Џон, кој го користи во последната пресметка со Ханс, е еден вид подарок.
Првата личност што Џон ја убива е Тони, додека се сопнуваат по скалите за време на тепачката на почетокот на филмот. Џон му го испраќа телото на Тони на Ханс во лифтот, со капа на Дедо Мраз и порака „Сега имам митралез. Хо, хо, хо“ на неговата маица. Џон Меклејн очигледно го задржа празничниот дух без оглед на ситуацијата.
А што се однесува на времето кога е снимен филмот, последен пат во Лос Анџелес падна снег во 1962 година. Но, без разлика, на крајот од филмот паѓа снег, и, многумина ќе се согласат дека ова е вистинска завршна сцена на божиќен филм.