Дејан Кулушевски, играчот на италиојанскиот калчолигаш Јувентус кој настапува на позајмица во редовите на англискиот премиерлигаш Тотенхем, е прогласен за најдобар фудбалер во Шведска за 2022 година.
Напаѓач со македонско потекло, Кулушевски ја доби оваа награда за прв пат во кариерата и стана со 22-години најмладиот добитник на „Гулдболен“ (Златната топка).
Кулушевски на подиумот го замени фудбалерот на Лајпциг, Емил Форсберг, најдобар во 2021. Рекордер е Златан Ибрахимовиќ со дури 12 „Златни топки“ за Шведска (десет по ред).
-Целата година беше фантастична. Многу сум горд и исклучително среќен. Многу луѓе ми помогнаа да стигнам овде, но патот до успехот не беше лесен, изјави Дејан Кулушевски.
Кулушевски ја започна 2022 година во Јувентус, но на 31. јануари италијанскиот клуб и Тотенхем се договорија 18. месечна позајмица.
Кулушевски е роден во Стокхолм. На почетокот на кариерата настапуваше за јуниорските селекции на Македонија, но подоцна го смени дресот и денес е репрезентативец на Шведска. За оваа земја одигра 27 натпревари и постигна два гола.