Милевски: Последните мечеви не се вистинската слика за Македонија!

Македонската фудбалска репрезентација во 2022 година ги имаше најдобри квалификации за СП освојувајќи го второто место во групат во која ја совлада Германија, а во разигрувањето за пласман на Мундијалот, го елиминира актуелниот европски шампион Италија, но во последниот чекор до пласман во Катар беше запрена од Португалија.

Селекторот на македонската репрезентацијата, Благоја Милевски во интервјуто за официјалниот сајт на ФФМ зборуваше за шансите на „црвено-жолтите“ во следниот квалификациски циклус за ЕП 2024 каде ривали во групата ќе ни бидат Англија, Италија, Украина и Малта.

– Мора да ни биде јасно дека Македонија сите противници веќе ја гледаат низ поинаква призма, желни да го победат нашиот тим. Но, за тој статус се изборија фудбалерите со пласманот на ЕП, натпреварите од квалификациите за СП, а посебно начинот на кој ги одигравме двата плеј-оф дуели за СП, победата над актуелниот Европски првак, Италија и финалето против Португалија. Ние го разбираме тоа и така се подготвуваме. Фаворитите постојано се менуваат. Не е лесно да победиш на било кој натпревар. Видовме дека и на СП многу силни репрезентации не ја оправдаа фаворитската улога. Во денешниот фудбал ако сакаме да ја постигнеме целта, не само што е неопходно да бидеме на потребното ниво, туку и многу повеќе од тоа. Тоа треба да нè води во следниот квалификациски циклус – вели Милевски.

Запрашан за актуелната состојба на националниот тим, по низата последни лоши резултати, Милевски вели:

-Јас разбирам дека многу често во нашата работа секогаш во фокусот се последните одиграни натпревари, но за мене сето ова не се сведува на „црно и бело“. Сакам да бидеме објективни. Доколку ја гледаме реалната слика на периодот после плеј-оф натпреварите, а ве очекуваат дуели од Лига на нации во период кога дел од фудбалерите се на одмор, дел од нив немаат клубови, други се во потрага по нов клупски ангажман, дел од носителите на игра поради повреда или замор не се во можност да се стават во функција на тимот и за десет дена треба да одиграте четири натпревари, тогаш илузорно е да барате резултат по секоја цена од оние што и покрај сите околности беа тука за нашиот тим. А, згора на се, емотивно бевме исцрпени после мечот со Португалија. Таа слика реално ја согледавме и свесно фокусот го насочивме кон проверка на потенцијалот на кој ќе сметаме во квалификациите за ЕП 2024, изјави Милевски.

Целото интервју на Милевски за сајтот на ФФМ можете да го прочитате ТУКА

Треба да знаете
Последни објави