Во Бразил тридневна жалост во чест на Пеле

Бразилскиот претседател во заминување Жаир Болсонаро прогласи тридневна национална жалост во земјата во чест на кралот на фудбалот Пеле, кој почина вчера на 82 години од последиците на ракот на дебелото црево.

Фудбалскиот клуб Сантос, каде што Едсон до Насименто – Пеле ја помина речиси целата кариера, ги објави деталите за погребот закажан за во вторник. В понеделник, телото на Пеле ќе биде пренесено од болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Пауло до стадионот „Урбано Калдеира“. Ковчегот со посмртните останки ќе биде поставен на центарот на игралиштето, за да може јавноста да му оддаде почит. Следниот ден ќе има процесија по улиците на Сантос и Сао Пауло, пред Пеле да биде погребан на приватна церемонија, на која ќе присуствува само семејството.

-Имав привилегија да го гледам Пеле како игра, но тоа не беше само играње, тоа беше шоу, изјави новиот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој ќе ја преземе функцијата в недела.

Пеле остана да игра за Сантос долги години, место да гради кариера во странство. Тоа делумно беше спречено со указот на претседателот Жанио Квадрос, кој во 1961 година го прогласи Пеле за национално богатство.

Пеле беше вистински симбол за поимот „фудбал“ и неслучајно доби статус на „Крал“ на оваа игра. Во Рио де Жанеиро, легендарната статуа на Исус е специјално осветлена во боите на бразилското знаме токму во чест на Пеле.

Треба да знаете
Последни објави