Фудбалскиот свет е обвиен во црно по вчерашната вест за смртта на Пеле на 82-годишна возраст. Легендарниот Бразилец, виртуоз со топката и миленик на многу генерации, ја загуби долгогодишната битка со малигниот тумор на дебелото црево, кој метастазира на други делови од телото.
Додека светот се збогува со, според многумина најдобриот на сите времиња, пристигнуваат детали за последното испраќање.
Пеле ќе биде погребан на 2 јануари во Сантос, населба во Сао Паоло на најголемите „вертикални гробишта“ во светот, комплетирани со зграда од 14 ката, водопад и музеј на автомобили.
Британски „Сан“ пишува дека неговиот ковчег ќе биде поставен на теренот „Урбано Калдеира“ во Сантос за навивачите да можат да му оддадат почит 24 часа пред да започне организираната свечена поворка во градот. Ковчегот ќе помине низ Канал 6, каде живее 100-годишната мајка на Пеле, а потоа поворката ќе се упати кон уникатните „вертикални гробишта“ на Меморијалниот некропол Екуменица, каде што ќе биде погребан Пеле.
Погребното место се наоѓа помеѓу бројни облакодери и шума, а вклучува и простории за крематориум и мавзолеј „за семејства кои сакаат да го зачуваат своето наследство на поинтимен и приватен начин“. Има дури и тропска градина со мал ресторан на покривот и водопад. Внатре во огромниот имот има и музеј на класични автомобили, изграден е од ексцентричниот архитект Пепе Алтстут во 1983 година и оттогаш постојано се проширува.
Од горниот кат се гледа погледот на стадионот „Вила Белмиро“, каде Пеле ја започна својата кариера, а подоцна стана еден од најдобрите фудбалери што некогаш биле видени.