Кристијано Роналдо ја напушти Европа и ќе игра во Саудиска Арабија, откако вечерва и официјално беше промовиран во Ал Наср, потпишувајќи го историски најголемиот договор во фудбалот – 200 милиони евра по сезона.
Роналдо во Ријад ќе има кралски третман, основната плата ќе му биде 75 милиони евра, а остатокот од 125-те милиони низ разми бонуси и маркетинг права на приходи, па португалскиот ас ги помести границите за плата во фудбалот откако летово Килијан Мбапе во ПСЖ доби безмалку 100 милиони годишно.
„Среќен сум за новиот предизвик во друга лига, во друга земја. Визијата на Ал Наср е многу инспиративна приказна. Возбуден сум за новиот почеток и едвај чекам да почнам да играм, рече Роналдо.
Интересно, во новиот клуб може да дебитира против големиот ривал во фудбалот, Лео Меси.
Двајцата најдобри играчи може да одат еден против друг во пријателски натпревар. Имено, на 19 јануари, тимот на ПСЖ има закажано пријателски натпревар против комбиниран тим од Ал Наср и Ал Хилал.
Лесно може да се случи Лео Меси и Кристијано Роналдо да играат еден против друг. Овој натпревар се очекува да биде дебито на Роналдо во новиот дрес.
Но, пред само пет години, Португалецот изјавуваше сосема нешто друго, дека нема намера кариерата да ја завршува во САД, Катар или Јапонија, туку сака да заврши на највисоко ниво. Само што во Европа никој не сакаше да го ангажира, откако го раскина договорот со Манчестер јунајтед шест месеци порано со едно – интервју.
Роналдо е екс-фудбалер на Спортинг Лисабон, Реал Мадрид и Јувентус, а е рекордер клупски и репрезентативно по број на дадени голови.