Светот се простува од најголемиот фудбалер на сите времиња

Смртта на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Бразилецот Пеле, предизвика бројни реакции од целиот свет. 

„Пеле беше многу повеќе од најголем спортист на сите времиња. Кралот на фудбалот беше ултимативен претставник на победничкиот Бразил, кој никогаш не се плашеше од какви и да потешкотии. Црномуресто, сиромашно момче родено во Трес Корачеш, Пеле ни покажа дека секогаш постои нов пат. Му вети на својот татко дека ќе го освои Светското првенство и ни освои три. Кралот ни даде нов Бразил и можеме само да му заблагодариме поради тоа. Ти благодариме, Пеле”, напиша Бразилската фудбалска федерација (CBF). 

Португалскиот фудбалски мајстор Кристијано Роналдо напиша на социјалните мрежи дека Пеле бил извор на инспирација за милиони луѓе’. 

„Вечниот крал Пеле никогаш нема да биде заборавен и сеќавањето на него засекогаш ќе живее во сите нас, фудбалските ентузијасти”, порача Роналдо. 

„Пред Пеле фудбалот беше само спорт. Пеле промени сè, го направи фудбалот уметност, им даде глас на сиромашните, црномурестите и пред сè: му даде видливост на Бразил. Тој повеќе не е таму, но неговата магија ќе продолжи”, објави бразилскиот репрезентативец Нејмар. 

Напаѓачот на ПСЖ и француски репрезентативец Килијан Мбапе се огласи синоќа на Твитер. 

„Кралот на фудбалот нè напушти, но неговото наследство никогаш нема да биде заборавено”, напиша Мбапе. 

„Легенда, икона и вистински великан на играта, кого секогаш ќе го паметиме. Почивај во мир, Пеле”, порачаа од англискиот фудбалски гигант Ливерпул. 

Космос Њујорк, единствениот клуб во кој Пеле играше надвор од родниот Бразил, исто така, се збогува од „фудбалскиот крал”. 

„Неговото трајно влијание врз фудбалскиот спорт е непроценливо”, порача американскиот клуб. 

„Пеле почина. Најбожествениот меѓу фудбалерите и најрадосниот меѓу мажите. Играше игра во која само неколкумина избрани му се доближија. Три пати го крена најпосакуваниот златен пехар во таа прекрасна жолта маичка. Можеби нè напушти, но секогаш ќе ја имаме фудбалската бесмртност”, напиша легендарниот англиски фудбалер Гари Линекер. 

Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, истакна дека светот го оплакува најголемиот фудбалер на сите времиња. 

„Многу тажна вест, Пеле нè напушти. Светот го оплакува најголемиот фудбалер во историјата и прекрасна личност. Го прослави фудбалот како што тоа не му успеа на ниту еден друг играч”, истакна Блатер

Треба да знаете
Последни објави