Резултатската криза на Челси се продлабочи откако поранешниот англиски првак ремизираше 1-1 на гостувањето против аутсајдерот Нотингем Форест. Тимот на Грем Потер забележа само една победа во последните шест кола и се повеќе се оддалечи од врвот на табелата, па моментно се наоѓа на осмата позиција со 25 бода, дури седум помалку од Манчестер Јунајтед на четвртото место и огромни „минус 18“ во однос на лидерот Арсенал.
Челси успеа да поведе уште во 16. минута, и тоа со многу среќа откако по една неспретна интервенција на домаќините топката заврши во гредата, одбивајќи се точно на ногата на Рахим Стерлинг, кој без проблеми ја смести во мрежата.
Нотингем тргна фуриозно во второто полувреме, во кое „шумарите“ создадоа неколку одлични шанси, еднаш ја затресоа и гредата од голот на Кепа, за на крајот сепак да успеат да стигнат до израмнување.
Искусниот дефанзивец Орие беше стрелец на голот, откако најдобро се снајде во мешаницата и ја смести топката низ нозете на Кепа во мрежата на Челси.