Кузмановски: Подготвени сме за СП, сакаме пласман во втора фаза!

Македонските ракометари денеска заминуваат за Пореч, за последната фаза од подготовките за Светското првенство, пред да отпатуваат за Краков. Филип Кузмановски и Игор Ѓорѓиев ги споделија своите размислувања и очекувања од Мундијалот.

Филип Кузмановски е еден од предводниците на новата генерација, а Краков е токму местото каде што тој дебитираше на големите собири, на ЕП во 2016 година. Оттогаш Македонија настапи на сите можни првенства и држи континуитет, но битолчанецот вели дека овој пат целта не е само пласманот.

„Нашите очекувања секогаш се високи. Ние сме една млада екипа која ветува многу во иднина со три четири искусни играчи. Нѐ очекува една тешка група на со во Краков, но ние сме подготвени и нема да останеме на таа цел да имаме само континуитет настапи, туку сакаме да одиме во втората фаза. Во група сме со Аргентина Норвешка и Холандија и мислам дека сме подготвени и ние и од страна на селекторот и стручниот штаб. Ќе одиме чекор по чекор. Прво имаме подготовки пред нас, два контролни меча со Хрватска и со Израел, ќе се подготвиме максимално, важно е да ги следиме насоките и задачите зададени од селекторот“, рече Кузмановски на прес-конференција организирана од Скопска пивара, која ја истакна својата улога на поддржувач на националниот тим.

Во слична насока размислува и средниот век на Алкалоид, Ѓорѓиев.

„Очекувам едно фер и коректно првенство, како прво да сме сите здрави и подготвени за првенството. Ја повикувам нашата фаланга, очекувам максимална поддршка и се надеваме на успех”, рече младиот струмичанец.

И двајцата вчера беа дел од ревијалниот меч против македонските ветерани, а Кузмановски сподели дека тоа им дало дополнителна мотивација.

„Вчера имавме голем спектакл, тие големи имиња од екипата на ветераните. Тие имаат остварено големи успеси, имаат одлични кариери и нашата цел е да ги достигнеме, ако можеме и да го надминеме тоа што го направија за Македонија“, дополни Кузмановски.

Треба да знаете
Последни објави