Ракометарите и футсалците први излегуваат на меѓународната сцена 

Македонската машка ракометна репрезентација влегува во завршната фаза од подготовките за Светското првенство кое идната недела започнува во Полска и Шведска, а настап на меѓународната сцена овој месец ќе има и репрезентацијата во футсал до 19 години.

Македонските ракометари оваа недела ги очекува настап во Пореч на подготвителниот меѓународен турнир „Кроација куп” во рамки на кој утре со почеток во 20:15 часот ќе играат против домаќинот Хрватска, а в сабота во истиот термин против Израел.

За избраниците на селекторот Кирил Лазаров ова ќе бидат завршните контролни дуели пред заминувањето за полскиот град Краков каде во рамки на групата Ф од Светското првенство ги очекуваат пресметките против Норвешка, Аргентина и Холандија.

Паралелно со ова, настап на меѓународната сцена овој месец ја очекува и македонската репрезентација во футсал до 19 години, која на домашен терен во Скопје од 19 до 21 јануари, против Германија и Косово ги стартува квалификациите за пласман на Европското првенство, чиј домаќин во септември ќе биде Хрватска.

Пласман во главната квалификациска фаза ќе обезбеди само првопласираната репрезентација од турнирот во Скопје, а квалификациите ќе ги продолжи во март во група со домаќинот Португалија, Словачка и Белорусија.

Треба да знаете
Последни објави