Македонскиот фудбалски прволигаш Шкендија го донесе четвртото засилување во своите редови пред пролетниот старт на сезоната, откако денеска го промовираше во „црвено – црниот” дрес бугарскиот напаѓач Наско Милев.
„Шкендија е еден од најдобрите клубови на Балканот. Станува збор за клуб со одлични навивачи, традиција, историја и големи цели. Доаѓам со желба и верба да ломогнам во реализација на истите. Верувам дека ако постигнувам голови ќе ѝ помогнам на Шкендија да дојде до првото место”, изјави 26-годишниот Милев за клупскиот сајт на Шкендија.
Милев е поранешен младински репрезентативец на Бугарија, а во тетовскиот прволигаш доаѓа по две сезони минати во литванската Прва лига.
Бугарскиот интернационалец е четвртото засилување на Шкендија за пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига по Мустафа Мујезиновиќ, Методи Максимов и Камер Ќака.